| | |
| |
|
Почетни чекори со Java |
Компајлирање и извршување на твојот програм
Со веќе напишан прв програм во Јава сигурно си нестрплив да го видиш како се извршува. Пред да можеш да го извршиш твојот програм истиот прво мора да се конвертира во формат кој јава виртуелната машина ќе го разбере. Процесот се нарекува компајлирање, а вклучува извршување на програм кој се вика Јава компајлер кој го проверува твојот Јава изворен код за евентуални грешки и го конвертира во бинарен формат наречен Јава бајт код (Java bytecode) кој ЈВМ-то ќе го разбере. Јава компајлерот се извршува преку команден промпт со командата „javac“, проследено со името на датотеката во која е содржан Јава изворниот код кој треба да биде компајлиран.
За да ја компајлираш твојата Zdravo.java датотека започни со отварање на команден промпт и појди во директориумот во кој се наоѓа датотеката која треба да се компајлира. На пример под Windows за да се влезе во директориумот D:\PrvProgramJava преку командна линија искуцајте ги следниве команди редоследно, притискајќи Enter после секоја од нив.
C:\> d:
D:\> cd PrvProgramJava
D:\PrvProgramJava>
За да ја компајлираш Zdravo.java датотеката искуцај ја следнава команда:
D:\PrvProgramJava> javac Zdravo.java
Доколку се е во ред би требало да има мала пауза следејќи со линијата „D:\PrvProgramJava>“ (без известувања е добра новост). Доколку компајлерот пронајде нешто што не треба на екранот ќе бидат испечатени една или повеќе грешки или предупредувања. Најчесто тоа ќе биде точниот број на линија каде е грешката и отприлика што е грешката, односно природата на грешката ќе биде испечатена (да се повторам дека броевите кои ги редев во примерот не се дел од изворниот код на Zdravo.java).
Откако твојот програм е успешно компајлиран датотека со име Zdravo.class е креирана во истиот директориум со Zdravo.java. Ова е компајлираната (бинарната) верзија на твојот изворен Јава код и содржи опис за твојата класа Zdravo која ја дефинираше во Zdravo.java датотеката. Новокреираната датотека се нарекува „class file“, од очигледни причини :). Бидејќи новата датотека е веќе бинарна (Јава бајткод) спремна е да биде извршена во јава виртуелната машина.
Извршувањето на програмот е слично со компајлирањето, само што наместо да се користи Јава компајлерот (javac), ќе ја употребиме извршната околина на Јава (JRE) кое може да се повика со командата java проследено со името на class file-от кој ја содржи „main“ методата. Во овој случај твојата класа се вика Zdravo па за го извршиш твојот програм треба да се употреби следнава команда:
D:\PrvProgramJava> java Zdravo
Zdravo, svetu!
Ova e samo test.
Како што беше очекувано, отпечатени се две пораки: „Zdravo, svetu!“ и „Ova e samo test.“
Твојот програм работи!
Нешто многу битно, кога извршуваш програм треба да го напишеш името на класата (Zdravo), а не името на комапјлираната датотека (Zdravo.class). Јава сама ги наоѓа датотеките според името на класата. Доколку напишеш „java Zdravo.class“ Јава ќе проба да најде датотека која содржи дефиниција за класата „Zdravo.class“ и откако нема да ја најде ти ќе добиеш грешка налик на следнава:
D:\PrvProgramJava> java Zdravo.class
Exception in thread "main" java.lang.NoClassDefFoundError: Hello/class
Ова „NoClassDefFoundError“ кажува дека Јава неможела да најде дифиниција на класата која ти ја бараш, во овој случај Zdravo.class (која се печати како „Zdravo/class“ поради причини кои ќе ги објаснувам во наредни написи).
|
|
|
|
|
|
| |
|
|
---|
JavaTM и Java-базираните ознаки се трговски марки или регистрирани трговски марки на Sun Microsystems, Inc. во САД и други држави. Java.com.mk никако не соработува со Sun Microsystems, Inc. Сите други трговски марки се сопственост на нивните сопственици. |
|